Заледена улица причина за сообраќајката во Зелен Рид, тврди таткото на возачот

05.01.2018 09:24 | KumanovoNews

Подледена улица, а не брзо возење е причина за сообраќајната несреќа која на Нова година се случи на раскрсницата на улиците Трета МУБ и Бранко Богдански - Гуцман, тврдат родителите на момчето кое го управувало Голфот.

Заледена улица причина за сообраќајката во Зелен Рид, тврди таткото на возачот

Тие го обвинуваат ЈП „Водовод“, дека дозволиле вода од пукната цевка, која течела 2-3 дена да се заледи на улицата, бидејќи не го отстраниле дефектот навреме, а не поставиле ни предупредувачки знак дека коловозот е влажен, па со тоа ја загрозила безбедноста на возачите.

„Мојот син не возел брзо. Пред него излетало и друго возило, а имам информации дека и предходниот ден имало пролизгување, бидејќи коловозот бил заледен. Никаде немало предупредување за опасноста. Откако се случиле несреќите наредниот ден од „Водовод“ посипале песок по улицата и почнале да го отстрануваат дефектот“, - вели Сашо С., татко на возачот.

Од ЈП „Водовод“ тврдат дека тие немале информација дека има пукната цевка на тој дел од градот и кај нив дефектот бил пријавен од МВР на 1 јануари во 2.40 часот, 40 минути откако се случила сообраќајката. 

„Водата била од 100 до 150 метри од местото на несреќата и течела во сливник на улицата Трета МУБ. Веднаш била испратена екипа која го затворила вентилот, а утрината наша екипа излегле на терен и го отстранила дефектот. Полицискиот извештај ќе покаже што точно се случувало“, - велат од „Водовод“.

Сообраќајната несреќа во која се повредени две лица се случи на новогодишната ноќ во 2 часот по полноќ, кога М.С. (25) од Куманово управувајќи патничко моторно возило Голф со кумановски регистарски ознаки изгубил контрола над возилото, излетал од патот и удрил во дрвен столб за пренос на електрична енергија и во оградата од куќа, соопшти МВР.

Момчето и девојката кои беа повредени се чувствуваат добро и поминале со полесни повреди, кажуваат родителите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk