Започна академската година во „Еуро Колеџ“ Куманово

02.10.2018 14:57 | KumanovoNews

Во приватната високообразовна установа за бизнис студии "Еуро Колеџ" во Куманово, вчера се одржа и првиот академски час за 15. генерација на студенти.

Започна академската година во „Еуро Колеџ“ Куманово

На самиот почеток, на бруцошите им се обрати деканот Љубиша Петрушевски, кој им посака успешна академска година и им се заблагодари што избрале да студираат во оваа институција.

- Академската година на ПВПУ „Еуро Колеџ“ започна за сите години по непосредно успешно завршување на проекти од Програмата Еразмус +, подржана од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Во месец септември под покровителство на Националната Агенција, академскиот тим од двајца професори заминаа на Универзитет "РУДН" во Москва, со што ги збогатија своите компетенции и остварија можност за идна соработка. Во истиот период студентите на „Еуро Колеџ“ Куманово имаа можност да присуствуваат на настава која беше одржана од страна на професор Наоми Ки, од престижниот државен Универзитет „Хокаидо“ од Јапонија и да се стекнат со нови вештини и знаења, - изјави деканот Петрушевски.

Професорката Наоми Ки вели дека иако Македонија и Јапонија се толку многу милји оддалечени, но сепак постојат слични предизвици со кои се соочуваат и двете земји.

- Глобализацијата влијае и на двете држави и јас сум сигурна дека младите луѓе и од Јапонија и од Македонија ќе соработуваат, разменуваат идеи и работат заедно кон пронаоѓање на иновативни солуции за справување со истите, - нагласи Ки.

„Еуро Колеџ“ Куманово, и во наредниот период ќе продолжи да ја шири својата мрежа на соработки за да може да им помогне на своите студенти да ги постигнат своите посакувани цели при градење на професионална кариера.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk