Започна јубилејното издание на Денови на комедија во Куманово

29.09.2022 13:38 | Оливера Пешевска

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, синоќа започна јубилејното 25. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово. 

Започна јубилејното издание на Денови на комедија во Куманово

Фестивалот го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која потсети дека Куманово има  традиција за шегување и негување на комедијата.

„Комедиите не се само забава, тие често не опоменуваат и ни даваат друг поглед на стварноста. Комедиите се пишувале и во најстрашните времиња за човештвото, затоа смеата е таа која го оддржува здравиот дух и ни овозможува од поинаква страна да им пријдеме на секојдневните предизвици“, истакна министерката во поздравниот говор.

Наградата „Васил Иљоски“ за трајни вредности во областа на културата и театарот, која ја доделува советот на фестивалот, оваа година му беше врачена на актерот Благоја Чоревски. Тој во своето обраќање рече дека е почестен за признанието и се потсети на својата кариера кога двапати играл главни улоги во драмите на Васил Иљоски.

„Благодарност до фестивалот, стручната комисија што ми го врачуваат ова признание кое што е едно од најголемите, без разлика на сите мои други награди, затоа што ова е признание за нешто што јас навистина сум правел во животот и мојата професија. И секако вие сте тие што мене ме одржувате во живот и на сцена и воопшто. Вие, драга публико, вие сте мојот пат, мојата подршка, мојата магија, без вас јас не би постоел. Ви благодарам многу“, кажа во обраќањето Чоревски.

Честа да го отвори фестивалот оваа година ја имаше претставата на „Приватни животи“ на Градскиот Театар Винковци од Хрватска, која ја насмеја публиктата во преполната сала.

Вечерва на репертоар е претставата „Власт“ на Народниот Театар од Штип, а во 22 часот ќе се одржи вечер на стендап комедија, која не влегува во официјалната програма. На неа ќе настапат 4 млади актери од Театар Куманово и популарните Атанас и Тино.

Во наредните денови следуваат Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп со претставата „Да, инспекторе“, Атеље 212 Белград со „Славна Флоренс“, Народен театар Битола, со „Малиџано“, Театар Тетово „Малограѓанска свадба“, Театар „Импресарио“ од Белград, „Повикај го М поради уживање“, Струмичкиот театар со претставата „Паника во хотел Палас“, Драмски театар од Ловеч, Бугарија, Приштински народен театар со „Сомнително лице“, Велешкиот театар со претставата „Слуга на двајца господари“. Фестивалот ќе го затвори Кумановскиот театар со претставата „Секс и лаги“ на 14. октомври.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk