Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна реконструкцијата на спортската сала Соколана, која е една од најубавите и највредни архитектонски зданија во Куманово, изградена во 30-тите години на минатиот век. Во првата фаза од реконструкцијата предвидено е зајакнување на статиката на објектот и санација на кровот, а тоа ќе чини 130 илјади евра.
Во втората фаза е планирано да се работи на фасадата и да се менува столаријата. Во третата фаза е целосно завршување од внатрешноста на објектот и негова адаптација за истите содржини за кои е изградена. Последно е партерното уредување на дворот.
„Во тек е првата фаза од реконструкција на објектот на Соколана, сала која буди убави спомени на многу граѓани од овие простори.
Истовремено се работи и на реконструкција на Соколанскиот парк“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Реконструкцијата на објектот следува откако Министерството за транспорт и врски издаде ја дозволата за градба, а Конзерваторскиот центар даде позитивно мислење дека на објектот може да се работи.
Во 2019, Владата по 20 години ги врати на Куманово комплексот Соколана, Градскиот стадион, стрелиштето и спортската сала, а најави е дека ќе помогне финсиски за нивна реконструкција. Овие објекти беа дадени на стопанисување на приватни фирми во времето на владењето на ВМРО-ДПМНЕ. Сега сите се руинирани и во очајна состојба. Општината најави дека ќе ги обнови и ќе ги стави во функција на граѓаните.
Минатата година, Владата одобри 9 милиони денари за реконструкција на салата, но парите биле повлечени откако не биле потрошени во разумен рок. Градоначалникот очекува државата повторно да издвои средства за таа намена, работите да завршат побрзо, бидејќи Соколана не е само од значење на Општината, туку и за државата.
Спортската сала Соколана е симбол на богатиот спортски и забавен живот на Куманово од минатиот век, и граѓаните со нетрпение очекуваат да и се врати некогашниот сјај.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk