Започна со работа реновираниот Детски вакцинален пункт во „Уред“ (видео)

22.11.2023 13:15 | Сузана Николиќ

Детскиот вакцинален пункт на Здравствениот дом во Куманово, кој се наоѓа во т.н. „Уред“ од вчера започна со работа, откако беше реконструиран. Првите пациенти, беа најмалите кои родителите ги донесоа на редовна вакцинација.

Започна со работа реновираниот Детски вакцинален пункт во „Уред“ (видео)

„Утрово веќе имавме десетина мали пациенти, но колегите информираат дека се јавуваат и во „Тоде Мендол“, па ги препраќаат тука. Голем дел се информирани од медиумите, но има такви кои ја слушаат новината од познаници и пријатели. Убаво е да се работи во реновиран, чист, современ простор“, истакна вчера д-р Валентина Богоевска, педијатар, началник на Одделението за вакцинација во Куманово.

Покрај тоа што е реновирана зградата, инсталирано е централно греење, набавена е нова опрема, апарати и мебел, целиот простор е уреден и разубавен со декорација за најмалдите. На ѕидовите се со исцртани мурали, шарени и интересни за детското око, пердиња со мотиви од цртаните филмови, а вратите и опремата се во детски бои.

Директорот на Здравствен дом Фарук Алили кажа дека реконструкцијата траела една година, а целокупната сума е 9 милиони денари, вклучувајќи го и реконструираниот објект на Брза помош и Домашна посета.

Во Детскиот диспанзер за вакцинација велат дека ги имаат сите задолжителни вакцини во доволни количини. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk