Започнаа подготовките за „Бадникова поворка“ во Куманово

03.01.2024 10:05 | Оливера Пешевска

 Детската „Бадникова поворка“ која го најавува Христовото раѓање по 9-ти пат ќе биде организирана во Куманово.

Започнаа подготовките за „Бадникова поворка“ во Куманово

Во сабота на 6 јануари, во 9.30 часот поворката ќе тргне од Соборниот храм „Свети Никола“, ќе помине низ улиците во централното градско подрачје, ќе го посетат градоначалникот, по што прославата ќе се одржи на Градскиот плоштад со детски концерт на кој ќе се изведуваат коледарски песни.

Пријавување на децата кои ќе учествуваат во поворката е во тек, и засега се пријавени 150 дечиња.

„Заостануваме по бројност од другите градови, но се уште има време за пријавување. Морам да напоменам дека и оние дечиња кои ќе дојдат во сабота во стара црква без никаков проблем ќе можат да се вклучат во поворката“,  истакна Ружица Денковска.

Во среда и четврток, 3 и 4 јануари од 11 до 12 часот во Занаетчискиот дом ќе се организираат работилници на кои со дечињата ќе се разговара за симболиката на Божиќната пештера, витеелмската ѕвезда и на каландите. Ова година организаторите не соработуваат со ниту едно хуманитарно здружение, но со спонзорства од приватни фирми ќе бидат донирани бадникови пакетчиња.

Активностите започнуваат во петок попладне во 17 часот кога од Здружението на граѓани „Бадникови поворки“ ќе го посетат Домот за стари лица „Зафир Сајто“.

Бадниковите поворки е национално здружение кое опстојува во 62 градови и населени места во Македонија и во сите нив ќе се одржат таквите детски поворки. 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk