Започнуваат археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа

06.03.2015 14:41 | KumanovoNews

 Станува збор за локалитет богат со археолошки материјал од енеолитот, а откриени се и предмети од железно време, особено садови од керамика, накит од злато, сребро, килибар како и стаклена паста и бронза

Започнуваат археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа

Кумановскиот музеј започнува со археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа или Жеглиговски камен-импозантна базалтна карпа од вулканско потекло во околината на Младо Нагоричане.

Според досегашните истражувања на локалитетот Костоперска Карпа е откриено постоење на повеќеслојна населба со континуиран хронолошки  и културен живот.

Станува збор за локалитет богат со археолошки материјал од енеолитот, а откриени се и предмети од железно време, особено садови од керамика, накит од злато, сребро, килибар како и  стаклена паста и бронза.

Во минатото тука постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора. Во подножјето на Карпата се наоѓаат сочуваните средновековни цркви „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и повеќе гробови.

Според археолозите на овој простор се наоѓа и ранохристијанска базиликална црква, која се користела за погребување, како и остатоци од средновековни ѕидини. Особено се издвојува подземна просторија која сеуште не е доистражена.  

Со рализацијата на археолошките истражувања и со уредување на локалитетот Костоперска карпа, ова место ќе го привлече интересот на посетителите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk