Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Божиќните пости започнуваат од денеска, со што верниците ќе треба да се воздржат од мрсна храна и лоши мисли во наредните 40 дена.
Постот ќе трае до Божик 7 јануари - денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари. Секој празник носи духовна радост. Отец Игор Здравковски од Кумановско-осоговската епархија советува верниците да прават и добри дела, да им помогнат на сиромашните, на оние на кои им треба помош.
“Овој пост е поублажен. Среда и петок постиме без масло. Сабота и недела може риба, а останатите денови се користи зејтин. Доколку се падне некој од поголемите празници со црвено, како што е Свети Климент, Свети Наум, Пречиста Богородица се ублажува со риба. Во однос на јадењето и пиењето се бара умереност кога е строг пост. Не се внесува алкохол, а во останатите денови се што е во умерени количини е благословено“- вели Здравковски.
Тој објаснува дека постот ги учи луѓето да се воздржат. Кога човек ќе се научи да се воздржи од храна, ќе се воздржи и од зло.
“Секој грев нанесува на некој наслада. Тргнувајќи од телото ќе го дисциплинираме и духот. Проблем настанува околу празнувањето на Нова година. На оние кои долго време постат, кои се литургиски утврдени луѓе, празнувањето на Нова година им доаѓа како една трпеза на која не е важно што ќе има. Реално да зборуваме, сега има многу избор за посна храна“-рече Здравковски.
Тој вели дека изговор за непостење нема, а болните и старите луѓе кои не можат да се воздржат од храна, можат да побараат благослов од свештеник и сето тоа ќе вроди со духовни плодови.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk