Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Обраснато во трева и запуштено е детското игралиште во центарот на населбата Карпош во Куманово.
Направено е пред 5-6 години, кога е поставена урбана опрема и играчки за забава на најмалите, но оттогаш никој не се грижи за него, па сега од тревата не се гледа ни што останало од тогашните содржини.
„Од почеток слаба беше посетеноста, незгодно е за приоѓање. Кога го правеа се собравме, го израмнивме местото, ама не е тоа- тоа. Има само уште една локација, државно земјиште кое можеше да се искористи, но тој предлог отпадна поради одалеченост, непрактично е, голем дел од жителите требаше со автомобили да одат“, објасни Стојан Денковиќ, претседател на месната заедница.
Игралиштето е изградено пред локалните избори 2017, а од месната заедница не знаат кој треба да го одржува. Граѓаните од населбата велат дека е срамота да се оставаат играчките да пропаѓаат додека децата немаат каде да се играат. Тие тврдат дека во населбата нема друго место за забава и игра на најмалите, освен игралиштето во дворот на училиштето.
По пролетните дождови тревата, грмушките и плевелот се пораснати до висина на возрасен човек, но нема никаква иницијатива за средување на просторот. Ниту е пријавено да го средат локалните комунални служби, ниту пак се јавуваат доброволци од мештаните кои во најмала рака би можеле да го искосат игралиштето.
„Моите внуци пораснаа, ама мене ми е страв да поминам, змијарник е во тревата. А има мали деца во соседството, ќе се радуваат, играат, вака само заобиколуваме. Па младите да се зафатат, за едно попладне ќе го дотераат, вака ли оставаат дома, во дворовите“, коментира Силвана Б.
Населбата Карпош е една од најголемите во општината со околу 10.000 жители, но и со голем број на нарешени инфраструктурни проблеми. Во населбата освен основното училиште „Магдалена Антова“ нема друга јавна установа. Граѓаните со години бараат отварање на детска градинка, повеќе спортски терени, парк, зелено пазарче, асфалтирани улици и тротоари.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk