Затрупана опасната дупка на Градскиот кеј

12.04.2023 14:59 | Сузана Николиќ

Големата дупка, која повеќе од еден месец зјаеше незаштитена на Градскиот кеј во Куманово, конечно е затрупана со земја. Работата ја заврши екипа од ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово.

Затрупана опасната дупка на Градскиот кеј

„Имаше повеќе оштетувања на шеталиштето покрај реката, кои настанаа по обилните врнежи на дожд. Во изминатите неколку дена сите се затрупани со земја и сега нема опасност за граѓаните“, изјавија кратко од претпријатието.

Дупката беше со должина од 5-6 метри, широка околу метар ипол и длабока преку два метри, зафаќаше од работ кон средината самата пешачка пaтека покрај реката Кумановска и претставуваше голема опасност за пешаците и велосипедистите, особено ноќе, бидејќи местото не е осветлено. Таа се направила од ерозија на земјиштето под бекатон плочките по обилните дождови и постојано се шири. 

„При крајот на февруари, кога имаше поројни дождови надојде голема вода и ја поткопа земјата. Треба да ја поправат што побрзо за да не се случи некоја несреќа“, кажа спортски риболовец кој беше покрај реката. 

Градскиот кеј во Куманово е изграден пред 15-години, редовно се одржува зеленилото и патеките во централниот дел, додека пешачките патеки, каменот и плочите на коритото на повеќе места се оштетени и потребна е итна санација за да не пропаднат целосно. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk