Затворени маркети, фирми за увоз и аптека поради зголемени маржи

07.03.2025 14:40 | KumanovoNews

Три маркети, една аптека и три најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владината одлука за ограничување на маржите, соопшти Државниот пазарен инспекторат.

 

Затворени маркети, фирми за увоз и аптека поради зголемени маржи

Според директорот на Инспекторатот, Влатко Стојкоски, кај затворените правни субјекти биле утврдени маржи кои достигнувале и до 70 проценти, што значително ја надминува законски дозволената граница.

„Освен привременото затворање, овие компании ќе се соочат и со парични казни. Дополнително, активно се работи на уште 30 предмети кои ги опфаќаат речиси сите големи маркети во земјата. Инспекторите се постојано на терен и контролите продолжуваат без прекин“, изјави Стојкоски.

Во периодот од 24 февруари до 6 март, Државниот пазарен инспекторат спровел 365 надзори во малопродажбата и 64 во големопродажбата, со што биле опфатени повеќе од илјада продажни места. Притоа биле констатирани 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 42.000 евра.

Инспекторатот најавува засилени контроли со цел спречување на прекумерното зголемување на цените и заштита на потрошувачите.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk