Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Единаесет ликовни уметници од земјава и од странство учествуваа на 43. Меѓународна ликовна колонија "Куманово", која се одржува во меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.
Свои дела создаваат уметниците Новица Трајковски, Александар Таневски, Трајан Трајковски, Христина Стојчевска и Ален Алексовски од Македонија, Ирина Черњански-Шантриќ, Радмила Матејевиќ, Дејан Ратковиќ, Никола Марковиќ и Владимир Илиќ од Србија и Бисер Кирилов од Бугарија.
"Горди сме што во време на напредната технологија, перформанси и инсталации, успеавме да го задржиме чистото ликовно творештво, масло на платно, акрил на платно, скулптури и вајари, она што навистина претставува уметност.Јас се надевам дека и оваа година ќе имаме богата ликовна продукција и богат фонд на уметнички дела кои ќе ја збогатат нашата колекција, - вели Анита Цветановска, директорка во Кумановскиот музеј.
Според неа, на ликовната колонија „Куманово„ која се одржува со мали прекини цели 43 години, отсекогаш учествувале еминентни и реномирани уметници од целиот свет. И оваа година се водело сметка ликовните уметници да се афирмирани, да се на различна возраст и да нема повторување во изборот на авторите.
„Уметниците на ваквите средби го надополнуваат своето знаење и ликовното творење и нивната наобразба. Ги менуваат своите искуства и идеи, техники на сликањето. Ние немаме никакви правила ни идејни насоки што ќе сликаат, туку сето тоа е нивна инспирација. Преовладуваат пејзажи од прекрасниот амбиент на меморијалниот центар Пелинце, од мегалитската опсерваторија Кокино и она што уметниците го гледаат околу себе", додава Цветановска.
Секој од уметниците има обврска да изработи по две платна за организаторите на изложбата и едно за себе. Уметниците се задоволни од условите за работа и престојот, а посебно од заедничкото дружење. Велат дека инспирацијата ја црпат од прекрасниот амбиент и недопрената природа покрај реката Пчиња.
"Првпат сум тука. Многу ми се допаѓа. Луѓето, природата, сè е прекрасно. Имам мир и тишина, човек може да се осами и да слика. Јас сликам и експресионистички елементи, кубистички форми кои се кршат, со богата текстура. Понекогаш тука е симболиката. Мотивите се различни. Кога не сликаме, се дружиме. Близу е реката Пчиња, палиме логорски огин и остануваме до доцна",- вели Никола Марковиќ, магистер по сликарство од Лесковац.
"Ова е мое прво учество на колонијата. Прекрасно дружење со колегите. Сликам пејзаж од Пелинце, црпам инспирација од природата што нè опкружува", изјави Ален Алексовски (25) академски графичар од Крива Паланка.
Ирина Черњански-Шантриќ од Белград, по втор пат е на ликовната колонија во Пелинце.Таа работи класично сликарство, неврзано за амбиентот каде што се наоѓа.
"Секогаш работам исклучиво во некој свој манир, симболична апстракција, делови кои асоцираат на риба, на птица, на некоја емоција која некаде човекот ја има во себе, во некој необичен облик. Не е конкретно и не се гледа на прв поглед. Дружењето е одлично, има посебна емоција и секогаш се радувам на овие собири. Ние тука се надоградуваме. Ова ни е на некој вид симпозиум, стручно усовршување, бидејќи сите на лице место работиме. Водиме разговори за уметничката надградба, учиме едни од други. Тие пријателства продолжуваат и понатаму, бидејќи ние поминуваме едно време заедно и потоа се сретнуваме на некои други места, се почитуваме", додава Черњански-Шантриќ.
Ликовната колонија се затвори синоќа, а 22 новосоздадени дела ќе бидат изложени пред кумановската публика на Денот на градот - 11 ноември. Минатата година дел од најдобрите дела од досегашните ликовни колонии беа презентирани на изложба во Париз.
Ликовната колонија "Куманово" е една од најстарите во државата и започна да се организира во 1974 година. Прво се одржуваше во манастирот "Прохор Пчински", па во манастирот во Матејче, едно време во Куманово и последните години во Пелинце. Ја организира Кумановскиот музеј под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура. Досега на колонијата се создадени околу 3.000 дела.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk