Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дваесетина дела се изработени на втората меѓународна колонија „Сликарски конак Грација 2023“, која се одржа минатата недела во Куманово.
На колонијата учествуваат десетина уметници од Македонија, Србија, Германија, Косово, Бугарија, а почесен гостин беше академик Васко Ташковски.
Мотивите на кои сликаа уметниците беше старо Куманово, а работеа во техниките акрил и масло на платно.
„Јас пред 10 години бев на колонија во Кичево, по втор пат сум во Куманово, бидејќи бев тука на екскурзија со универзитетот пред 35 години. Како студент тогаш ги посетувавме манстирите во некогашна Југославија и бевме во посетна црквата во Старо Нагоричане, а ноќевавме во Куманово. Затоа сега ја сликав токму таа црква. Многу ми е драго што повторно сум тука и што добив покана да учествувам на колонијата“, вели академската сликарка Габриела Шафарцик, од Германија.
Според неа многу е значајно уметниците да учествуваат на колонии, бидејќи се надополнуваат и заеднички учествуваат во создавањето на делата.
Уметничкиот координатор на изложбата Мики Трендафиловски, вели дека иако временските услови не биле на нивна страна и уметниците не можеле да ги посетат предвидените локалитети, сепак, условите за работа биле одлични. Делата од оваа и минатогодишната изложба публиката ќе може да ги види во октомври, на биенална изложба.
Покрај учеството на реномираните уметници еден ден на колонијата бил посветен на младите уметници, од средните училиште во Куманово и Скопје. Со нив беше и Анастасија Недељковска, која е ученичка во трета година на сликарски смер во СУУ „Лазар Личеновски“ во Скопје.
„Лани учествував еден ден како гостинка, сега сум повикана како млад талент. Искуството е одлично, интересно ми дружењето со поискусните уметници“, кажа Анастасија.
Организатор на меѓународниот конак е ресторан „Грација“.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk