Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши 14. Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2016„ на која учествуваа 14 уметници од Македонија, Србија, Бугарија и Романија.
Триесетина дела масло и акрил на платно и колажна техника изработија: Никола Марковиќ од Лесковац, Бојан Новаковиќ од Нови Сад, Александар Таневски од Скопје, Барбара Спасевска Скопје, Елена Јакшиќ Скопје, Мануела Тодерс и Лумитри Клад од Камприна, Романија, Десислава Анакиева-Веселинова, Владислав Николов Веселинов од Ќустендил Бугарија и др. Во изминатите 7 дена колонијата се одржуваше во комплексот „Грација„ во Куманово.
„Од колонија која се одржуваше во манастирот Карпино во природа, прераснавме во урбана колонија. Се разликуваме од другите колонии по мултимедијалниот пристап кој го негуваме. Тоа значи дека покрај обезбедувањето на услови за уметниците да творат, ние организираме посета на најзаначајните места во регионот како и тематски вечери, претстави, поетски читања и музички вечери. Тоа значи дека покрај творењето застапени се и други видови на уметност од кои уметниците црпат инспирација„, - вели Зоран Павловски, директор на Мултимедијалниот центар Карпино, организатор на изложбата.
Уметниците имаа можност да ги посетат меморијалниот центар Пелинце, црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричене од 14 век, галеријата на икони во црквата „Св. Никола„ во Куманово, но поради лошото време годинешниве учесници не го видоа манастирот Карпино, каде што започна одржувањето на колонијата. Поради тешко пристапниот терен и лошата состојба на конаците на манастирот, колонијата пред неколку години ја смени локацијата, но секоја година се наоѓа на агендата за посета.
Уметниците се задоволни од организацијата и велат дека со задоволство ќе дојдат повторно доколку бидат поканети.
„Првпат доаѓам на колонијата. Многу ми се допаѓа организацијата и сместувањето, квалитетен матерјал за работа. Се на се многу домаќински. Јас направив три слики. Толку беше добра енергијата и ме понесе што можев да направам секој ден по една. Но, тоа не е добро за авторот и останав на три. Работев продолжение на моите колажи.Ги работам на индустриски картни и кутии, на кои се наоѓаат разновидни натписи. Овие слики се имитација на тие колажи со додатни елементи како што се букви, етикети, на кои се наоѓаат податоците на сликата. Тоа е еден уметнички експеримент, тоа е моја инспирација која ја носам со мене. Моите слики се рефлексија на општествените односи во кои се наоѓаме сите и јас како поединец,- вели Бојан Новаковиќ од Нови Сад, академски сликар.
Изложбата на слики од Меѓународната колонија Карпино ќе се одржи на почетокот на ноември, по повод одбележување на Денот на градот-11 ноември.
За изминатите 14 години на колонијата поминале над 200 уметници од цела Европа, кои создале над 300 дела.
Од оваа година на колонијата ќе се востанови нова културна манифестација наречена „Шипеви вечери„ во чест на еден од основачите на колонијата актерот и сликар Драгиша Димитриевски Шипе, кој почина пред неколку години. Колонијата заврши со претставата “Госпоѓа Министерка„ од Бранислав Нушиќ, која ја изведоа учениците од средното училиште „Перо Наков“, на кумановски дијалект.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk