Завршија истражувањата на Костоперска карпа

15.09.2015 12:56 | KumanovoNews

Завршија археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа во Младо Нагоричане, информираат од Министерството за култура.

Завршија истражувањата на Костоперска карпа

Истражувањата на екипите од Музеј Куманово беа насочени кон разоткривање на ранохристијанската црковна градба, која била идентификувана со ископувањата во 1987 година. Археолозите дојдоа до нови сознанија дека објектот лежи врз постара и помала црква, која во наредниот период треба да се идентификува од кој период датира.

Локалитетот Костоперска карпа претставува природна форма на изгаснат вулкан и како таков релјеф е уникатен во Европа. Поволната и природно заштитена позиција условила местото да биде населено уште од периодот на енеолитот, меѓутоа, според археолошките остатоци, во два периода локалитетот претставувал регионален центар во периодот 4-3 век пред н.е. и во периодот на доцната антика па сè до средниот век. Во истражувањата, кои се започнати во 1983 година, а се работени во повеќе наврати, откриени се тенок енеолитски слој со богат материјал на акрополата, повеќе градби, цистерни и мал дел од апсидална градба со погребувања - стои во соопштението од Министерството за култура.

Карактеристично за овој локалитет е што во минатото постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора, а во подножјето на карпата се наоѓаат зачуваните средновековни цркви „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и повеќе гробови.

Како резултат на договорот меѓу Музеј Куманово и Универзитетот Саутемптон, веќе од следната година ќе започнат пообемни истражувања на локалитетот и неговата околина, заедно со професори од универзитетите Саутемптон, Оксфорд и Единбург.

Истражувањата се поддржани од Министерството за култура.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk