Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По два дена пауза заради воените дејствија во населба Тоде Мендол, Зелениот пазар повторно работи.
Пазарџиите велат дека муштериите се враќаат и работата се нормализира. Единствено штета претпрпеле што овие два дена робата им стоела и веќе не е свежа.
На тезгите нема штети, само што производите не се тазе како што беше. Не е таа роба што беше пред два дена. Народот доаѓа, купува. Купуваат јадење затоа што за два дена се потрошило - кажа Сефедин Имери, трговец.
Пазарџиите велат дека фреквенцијата на пазарот е послаба, но се надеваат дека во наредните денови ќе има поголем промет.
Состојбата во Куманово се нормализира. Јас два дена не работев, но немам некоја штета. И воопшто на пазарот нема некоја штета направена - вели Љубица Христова, трговец.
Граѓаните кои денеска ги затекнавме се убедени дека безбедносната состојба е под контрола и излегле да купат намирници.
Купувам пипер, домати, леб. Залихите се потрошени. Сега нема проблем, се е средено. Се чувствувам безбедно. Благодарам многу на полицијата што храбро излезе и ја среди состојбата - рече Методија Трајковски, граѓанин.
Во саботата полицијата ги вратила трговците назад, бидејќи беше небезбедно поради акција против вооружена група во населба Тоде Мендол.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk