Земени мостри од Кумановка по пријава за загадување на водата

10.04.2025 15:29 | KumanovoNews

Од водите на реката Кумановка, во близина на мостот кон населбата Проевце, земени се мостри од страна на акредитирана лабораторија, информираат од Општинскиот инспекторат. Анализите треба да утврдат дали и какво загадување има во водата.

Земени мостри од Кумановка по пријава за загадување на водата

Информацијата стигнала до инспекциските служби по пријава на граѓани, а за можната еколошка катастрофа алармираше и политичката партија Левица,  за што денеска пишуваше Кумановоњуз.

Од Левица велат дека биле на терен, и во разговор со месното население било потврдено дека неколку дена по ред, во ист период од денот, се случувало истекување на црвена материја во реката.

Според нив, водата добивала црвена боја во периодот меѓу 14:15 и 14:30 часот, а материјата истекувала од бетонска цевка со голем пречник. Се сомнева дека станува збор за нелегален канал или крак од канализациска мрежа.

Левица побара Министерството за животна средина да излезе на терен, да утврди одговорност за загадувањето и да покрене дисциплински и кривични постапки против сите инволвирани. Исто така, тие бараат транспарентен извештај за причинетата еколошка штета.

Од инспекторатот најавуваат дека јавноста ќе биде подетално информирана штом пристигнат резултатите од земените мостри, што се очекува да се случи во наредните неколку дена.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk