Жените знаат кој праз е подобар

14.11.2011 11:29 | KumanovoNews

Што е по на север празот е поголем, па кумановскиот праз е без конкуренција, но струмичкиот е подебел и поцврст, велат оние кои се разбираат во оваа градинарска култура.

Жените знаат кој праз е подобар

Викендов во кумановското село Режановце и во струмичко Василево се одржаа слични манифестации „Празијада„, на кој се избираше најдолг и најдебел праз. Посетителите во двете села имаа несекојдневна можност да уживаат во традиционалните специјалитети од праз, а посебно се мајтапеа чиј праз е поголем, кумановскиот или струмичкиот.Стручњаците, агрономи и производители тврдат дека според поднебјето и климата на двата региони, кумановскиот праз е подолг, а струмичкиот подебел.

Нашиот регион има долга традиција на производство на праз, бидејќи тоа е култура која бара поголема количина на вода, редовно наводнување и квалитетна почва, а оддолева на студ и мраз. Сето тоа ние го имаме, и затоа Куманово е познато по квалитетен праз. Секое поднебје си има и своја специфика, а празот е двогодишна култура каде семето се вади од автофтоните сорти. Така да кумановскиот праз е поразличен од струмичкиот. Значи квалитетот и должината се нашите адути- вели Трајан Димковски, агроном и претседател на месната заедница Режановце.     

За големината на празот на двете сдсмовски општини во државата ги прашавме и политичарите кои присуствуваа на „Празијадата„ во Режановце.

Јас со сигурност не можам да тврдам кој е поголем, меѓутоа кажуваат дека овој регион е најдобар за производство на праз, па сметам дека нашиот праз е подобар. Тоа значи дека кумановци имаат поголем праз, ама за тоа жените подобро знаат, и нив треба да ги прашате- вели градоначалникот Зоран Дамјановски.

И пратеникот Оливер Спасовски, дава предност на квалитетот и големината на кумановскиот праз.

Кажуваат дека што е по на север празот е поголем. Така да мислам дека кумановскиот праз ќе биде без конкуренција. Како што кажуваат стручњаците местоположбата и поднебјето имаат важна улога, а во однос на политичката конотација, ние во Куманово имаме 20 години локална власт и градоначалник, што не е случај во Струмица, така да и тој аргумет е на наша страна- вели пратеникот Оливер Спасовски.

И трговците од струмичко признаваат дека празот во кумановско е поголем, но тврдат дека нивниот бил подебел и поцврст, па жените повеќе го сакале.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk