Женски автобус го посети Куманово

02.12.2015 14:15 | KumanovoNews

Женски автобус денеска го посети Куманово, во организација на Зонта клуб од Скопје и УСАИД.

Женски автобус го посети Куманово

На оваа активност се приклучија и претставнички од невладината организација „Сирма“ од Куманово. Целта е да се испрати порака за запирање на насилството врз жената. На граѓаните им беа поделени флаери и портокали, а портокаловиот женски автобус со пароли за ненасилство беше пакриран на Градскиот плоштад.

Многу ми е мило што денеска и ние како граѓани на Куманово се собравме за да и дадеме поддршка на кампањата „Стоп за семејното насилство“ и ние велиме „не“ на семејното насилство. Здружение на жени „Сирма“ за прв пат оваа година соработува со Зонта и сме посебно почестени што можеме да се вклучиме во организација и да го дадеме својот мал придонес. За жал насилството не е намалено. Во Република Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство - рече Татјана Крстевска од „Сирма“.

Крстевска вели дека се залагаат за ратификување на Истанбулската конвенција и отварање на повеќе шелтер центри во државата. Женскиот автобус ќе посети вкупно 13 градови во Македонија.

Одзивот е прекрасен. Морам да кажам дека ние како организатори наидуваме на сè  поголема и поголема поддршка. Автобусот од ден на ден ни е пополн и сè повеќе жени се одлучуваат да побараат помош - вели Маргарита Иванова од Зонта клуб Скопје.

Џејмс Стејн од УСАИД вели дека овој настан треба да ја подигне свеста за насилството врз жената кое е присутно во Македонија и во светот.

Целта е да ѝ се испрати порака на жената дека таа треба да проговори - кажа тој.

Стејн рече дека треба да се зајакне правната рамка за да им се помогне на жените жртви на насилство.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk