Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во последниот месец од годината има пријавено 119 лица заболени од овчи сипаници или варичела. Досега за ова година има вкупно 352 лица, но се очекува дека бројката можеби е околу 500 до 700 инфицирани, што се совпаѓа со вообичаените случаи во годините пред ковид пандемијата.
Најмногу на удар се децата до 14 години, или оние од претшколската и училишната возраст. Tие учествуваат со 80 отсто во пријавените случаи. Се јавуваат и случаи на возрасни кои се во контакт со децата, а ги немаат прележано сипаниците како мали.
„Станува збор за капкова инфекција, што се пренесува преку кашлање, кивање, говор и преку непосреден допир. Педијатрите ги пријавуваат заболените.Веќе прележаните не се под ризик затоа што болеста остава траен имунитет“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравство од Куманово.
Болеста се манифестира со појава на осип што започнува од главата. Лекувањето во најголем дел е во домашни услови бидејќи најчесто, заболените деца поминуваат со лесна клиничка слика. Намалениот имунитет може да предизвика посериозни симптоми или да предизвика запаление на белите дробови.
„Најважно е да се знае да не се дозволи настанување на таа супер инфекција, да не се чешаат тие крастички, убаво да се дезинфицираат рацете, да се престојува во проветрена просторија со богата витаминска исхрана. Доколку има температура да се користи симптоматска терапија и антипиретици, купки“, појаснува д-р Стаменковска.
Таа веле дека бројката не е алармантна, се движи во веќе познатите статистички рамки, но по двегодишен период на намалени бројки на инфицирани годинава се враќа на добро познатите норми од 500 до 700 случаи годишно. За време на пандемијата и поради онлајн наставата контактот меѓу децата беше сведен на минимум, што го докажуваат и бројките-94 лица минатата година и 115 во 2020.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk