☰

Жителите на Пчиња и Студена Бара го блокираа патот кон депонијата Краста и каменоломите

06.10.2026 11:42 | Сузана Николиќ

Стотина жители на селата Пчиња и Студена Бара утринава го блокираа патот кон депонијата „Краста“ и каменоломите што се наоѓаат во нејзина близина. Тие бараат од надлежните локални и државни институции да го решат долгогодишниот проблем со загадувањето на животната средина, поради што, животот во селата станал неподнослив.

Жителите на Пчиња и Студена Бара го блокираа патот кон депонијата Краста и каменоломите

„Блокадата на депонијата „Краста“ е изнуден одговор на шестмесечната голгота со постојаното загадување на воздухот што го дишеме поради горењето на депонијата, која е во близина на нашите домови. Оваа блокада е резултат на глувоста на Општина Куманово, ЈП „Чистота и Зеленило“, како и на другите институции, кои и покрај сите наши апели, усни и писмени, останаа глуви и не презедоа ништо за да се изгасне пожарот на депонијата“, кажа претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски.

Тој потсети дека неодамна имале средба со градоначалникот, советниците и претставниците на јавното претпријатие, при што им било ветено дека до 2 октомври ќе биде ангажирана механизација за гаснење на пожарот. Меѓутоа, ништо од тоа не било реализирано, а пожарот и загадувањето во последните денови станале поинтензивни.

„Животот во нашето село стана неподнослив и затоа се решивме на овој непопуларен чекор. Барањето на сите жители од селата е целосно гаснење и потрупување на депонијата, како и преземање мерки за да се спречи повторно палење, а со тоа да се намали загадувањето. Доколку не се исполнат нашите барања, нема да отстапиме од блокадата, затоа што нашето здравје ни е најбитно“, додаде Илиевски.

Дејан Трендевски кажа дека, покрај депонијата „Краста“, блокирани се и камионите на каменоломите, бидејќи,  и тие не работат правилно и со тоа дополнително ја загадуваат животната средина.

Тој смета дека Општината со години наназад ги манипулира, поради што побарале помош од Владата во изнаоѓање решение за проблемот.

„Поради пожарот на депонијата „Краста“, кој го загрозува здравјето на населението, бараме Владата да преземе координирани мерки преку надлежните институции. Бараме формирање владина работна група, вонреден инспекциски надзор, извештаи од Министерството за животна средина и Министерството за здравство, континуирано мерење на квалитетот на воздухот, изработка на план за санација, утврдување на лична одговорност и санкции. Ова го бараме затоа што немаме доверба во општинската власт“, кажа Трендевски.

Стојан Стојковски, член на здружението „Еко Пчиња“, вели дека е срамно квалитетот на воздухот да зависи од поправка на некоја машина, додека токсичниот чад секојдневно го дишат нивните деца, и дома и на училиште.

„Децата сè почесто, кога ќе се вратат од училиште, се жалат дека имаат печење во грлото и носот. Денеска многу родители не ги пуштија децата на училиште, а кога се таму, децата не ги пуштаат надвор на одмор ниту на физичко, затоа што надвор не се дише. Ние не можеме да пуштиме ни клима, затоа што токсичниот чад ни влегува во собите“, вели Стојковски.

На терен беше и директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, кој рече дека од утринава не се изнесува сметот на депонијата, и дека се работи на гаснење на пожарот, при што се истураат вода и земја.

„Разговаравме со населението, револтот е голем, но ќе се трудиме што побрзо да ја поправиме состојбата. Ситуацијата не е добра, доста чади. Добивме два багери и интензивно се работи. Се надевам дека за ден-два ќе ја доведеме состојбата на поподносливо ниво“, вели Томиќ, кој додава дека според законот камионите треба да бидат пропуштени.

Командирот на Територијалната противпожарна единица, Борис Станковски, кажа дека нивните екипи постојано се на терен, каде што се гасне со цистерни и воден топ, со цел да се изгасне пожарот и да се нормализира состојбата.

Додека трае блокадата се пропуштаат само камионите што носат земја за да го затрупуваат сметот.

 

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk