☰

Жителите на Шупли Камен утре на протест, бараат да запре експлоатацијата на песок во реката Пчиња

01.10.2026 14:49 | Сузана Николиќ

Жителите на кумановското село Шупли Камен утре ќе одржат протест, незадоволни од работата на приватна фирма која врши експлоатација на песок во речното корито на Пчиња.

Жителите на Шупли Камен утре на протест,  бараат да запре експлоатацијата на песок во реката Пчиња

Во соопштението доставено до медиумите се наведува дека протестот ќе ја блокира работата на приватната фирма, која, според жителите, започнала со незаконска и неправедна експлоатација на песок во речното корито на Пчиња, која поминува низ атарот на селото.

„Речното корито е толку уништено и вдлабнато што на некои места е длабоко повеќе од пет метри. Од друга страна, поради направените длабоки вирови, досега има четири трагични настани во кои настрадаа млади деца, кои ги загубија животите поради длабоката вода и неправилните дупки направени од неразумните експлоататори и бизнисмени. Ве известуваме дека блокадата ќе започне во 10 часот и ќе трае сè до исполнување на нашите барања, секој работен ден. Протест-блокадата ја организира и ја спроведува месното население на село Шупли Камен“, стои во соопштението.

Жителите додаваат дека со вадењето на песокот и спуштањето на речното корито се повлекува водата, поради што повеќе не можат да ги наводнуваат нивите, а се намалува и нивото на подземните води во бунарите.

Протестот е пријавен во МВР, Општина Куманово и Министерството за животна средина .

(Фото архива. Протест на жителите во 2019 година)

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk