Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ денеска се одржа настан насловен како „Жива библиотека“ во организација на Ромски младински центар од Куманово.
Борците од НОБ, Спирко Зафировски и Царевка Виличиќ со младите зборуваа за ослободувањето на Куманово, а Руфат Јашари го сподели своето искуство и зборуваше за бугарската окупација во село Матејче.
„Жива библиотека“ е јавен настан и се состои од збирка на луѓе кои ќе ја споделат својата приказна со други. Посетителите во „Живата библиотека“ може да ги позајмуваат живите книги и да слушнат за борбата и жртвувањето од самата книга. На овој начин посетителите дознаваат повеќе за личноста која се наоѓа зад насловот. Живи книги ни се преживеаните борци - вели Теодора Младеновска, ученичка во „Гоце Делчев“.
Борецот Спирко Зафировски кој сега има 90 години, објасни како се случило ослободувањето на Куманово на 11 ноември. Тој војувал на свои 18 години, а на младите им раскажа дека жестоки борби за ослободувањето на градот се воделе од 1 до 11 ноември.
Борби водевме од Крива Паланка па се до ослободување на Куманово. Окупаторот пружи најголем отпор на Страцин и Гоглински рид. Тука скоро 10 дена се водеше борба. Дадовме ние доста жртви, но дадоа и тие. Немавме ние некое тешко оружје, но имавме висок морал - кажа борецот.
Со овој настан е одбележан Денот на ослободувањето на Куманово-11 Ноември.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk