Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Под мотото „Златибор избор за сите“, туристичката организација Златибор, започна кампања за претставување на својот потенцијал во соседните земји.
Поради зголемената посетеност на македонските туристи, домаќините за своите редовни гости овозможуваат специјална понуда и попусти за престојната летна сезона. Дел од хотелите ги спуштија цените за 10 одсто, за секое шестто ноќевање седмото е гратис, а подготвуваат и многу други изненадувања.
„Бројот на туристи од Македонија од година во година расте и затоа сакаме да ве повикаме и оваа година дел од годишниот одмор да го проведете на Златибор. Ако сакате да побегнете од летните горештини, планинскиот центар Златибор е идеално место за тоа. Нашите хотелиери тоа го препознаа и спроведовме акција за да се одолжиме на нашите редовни гости. Одлучивме и оваа година во летната сезона да дадеме одредени попусти и изненадувања за гостите од Македонија“, - изјави Јелица Тошиќ, ТО Златибор.
Нејзиниот колега Владимир Живановиќ, информираше дека Златибор како туристичка дестинација во првите 4 месеци од оваа година бележи зголемување на туристите над 25 одсто. Значаен удел во тој раст имаат македонските државјани.
„Златибор е бисер на српскиот туризам и специфика на преубавата планина е во тоа што е атрактивна во текот на целата година, може да привлече гости во сите годишни доба, - рече Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорка на Србија во Македонија, на промоцијата во Скопје.
Гостите ова лето на Златибор ќе уживаат во новите содржини: Дино парк за најмладите, авантура-адреналински парк за целото семејство и гондола за панорамско разгледување од Златибор до Торник.
Туристичката организација Златибор и општината Чаетина, водат сметка и за културните содржини, па организираат повеќе концерти и претстави. На Кралскиот плоштад во самиот центар на градот, покрај езерото, ќе се одржи меѓународен фестивал на спортски филм, потоа натпреварување на најсилните луѓе во светот, концерти на групите Амадеус бенд, Црвена Јабука, Гарави сокак, Атомско сколништа, Васил Хаџиманов, како и познатиот Собор на трубачи и Ракијада.
За сите гости на располагање им се два отворени базени и 8 капалишта. Туристите задолжително треба да ги посетат прочуените: Музеј на отворено Сирогојно, Стопиќа пештера, Водопадите во Гостиље, Шаргански осмици, Етно село Дрвенград, Андриќ град, манастири и други места. За сите овие туристички атракции домаќините организираат еднодневни екскурзии и посети.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk