Змии шетаат по „Октомвриска“

20.06.2016 13:23 | KumanovoNews

    Змии излегуваат од запуштените зелени површини во најелитниот дел во градот, на булеварот „Октомвриска револуција“.

Змии шетаат по „Октомвриска“

Викендов, пред зградата број 28 А, спроти продавницата Биртекс, на плочникот во дворот се прошетал смок долг 1,5 метар. Еден од станарите од горните катови успејал да го слика.

   „Змијата излезе од грмушката покрај гаражите и прошета до трансформаторот од спротивната страна. За минута-две се врати назад и пак се сокри во високата трева. Се јавив во Ветеринарната станица во градот, но од таму ми рекоа дека не се надлежни да интевренираат. Незнам каде да се обратам, бидејќи тоа се случуваше околу 15 часот кога деца од нашата и околните згради се играа во дворот“, - вели Дејан Ј.

Пред десетина дена блиска средба со влечуга имала и една кумановска, кога сакала да влезе во својот автомобил.

   „Колата ми беше паркирана зад Стокомак. Ја отворив совозачката врата и пред нозете ми падна змија. Незнам дали испадна од внатре или била поткачена од надвор. Се исплашив многу. Од тогаш кога и да седнам да возам гледам што имам под нозете, - вели Фросина Е.

  И случајот со сомокот, кој влезе во спална соба на семејство во населбата Долно Којнаре ги уплаши и вознемири кумановци.  Сите се прашуваат кој е надлежен да преземе мерки за заштита од овие ладнокрвни животни, и каде граѓаните да пријават и да побараат помош.

   Раководителот на Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски, вели дека во Куманово нема служба за фаќање на змии, а кај нив на бројот 195 може само да се пријави. Центарот за јавно здравје и една приватна фирма се надлежни за чистење и уништување на глодари и змии.  

   „Службата располага со репеленти против змии и вршиме таква услуга, но граѓаните кои ќе ја побараат треба и да ја платат. Доколку, пак, општината утврди дека има потреба од чистење од змии на целото подрачје на градот, тогаш трошоците се на нивна сметка, - вели др. Јадранка Стаменковска, епидемиолог во ЦЈЗ Куманово.

   Како причина за појавата на змии во населените места се наведуват климатските промени, бујната вегетација и нечистотијата во одделни делови на градот.

   „Потегот на Октомвриска револуција е идеално место за змии. Блиску до река, бидејќи тие се хранат со жаби и глуви, камења, ѓубриште и запуштени зелени површини. Треба превентивно да се дејствува и да се отстранат сите овие аномалии за да нема змии. Тоа што  видуваат граѓаните е смок, кој не е отровен, но сепак средбата не е пријатна. Состојбата не е масовна и се работи за изолирани случаи, кои се карактеристични за овој период од годината, но мора да има поголема координација меѓу надлежните за да нема страв кај граѓаните, - објаснува Владо Д. сопственик на приватната фирма која се занимава со оваа дејност.

   На инфективното одделение во Општата болница Куманово, оваа сезона нема регистрирано ни едно каснување од змија, а  располагаат со доволни количини на серум.

  Граѓаните бараат локалната власт и советниците во програмата за заштита од заразни болести и штетници,  покрај дезинсекција и дератизација на градот, во летните месеци да се ангажира и служба која ќе се справува со змии.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk