Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЗНМ упати критика до организаторите на последната прес- конференција во Куманово, со која новинарите се изложија на ризик да се заразат од вирусот КОВИД-19.
- Во овој дел сакаме да упатиме критика за последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот. Таа според нашите колеги била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт. Потоа се укажа дека градоначалникот бил заразен од COVID-19, со што нашите колеги директно биле изложени на здравствен ризик, - соопштуваат од ЗНМ.
ЗНМ бара во иднина да се организираат прес-конференции на отворен простор кога тоа го дозволуваат временските услови, со физичка дистанца меѓу новинарите, но и меѓу новинарите и соговорниците.
Поради фактот дека новинарите, покрај здравствените работници, се можеби најизложени на ризикот од заразување со коронавирусот, сметаме дека институциите мора да обезбедат услови за тестирање на новинарите и медиумските работници ако тоа е побарано од нив.
ЗНМ укажува и дека слободата на изразување мора да биде гарантирана и во време на вонредна состојба. Смета дека со продолжувањето на вонредната состојба во земјава мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри, a во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање. Укажува дека за транспарентноста институциите не смеат да си дозволат да споделуваат информации само со одредени новинари или медиуми пред одржување на прес-конференциите и на тој начин да се обезбедува ексклузива на одредени медиуми, наспроти сите останати кои се упатени да ги следат прес-конференциите.
Од друга страна, го поздравуваме потегот на Владата за обезбедување на минимална плата за новинарите и медиумските работници, мерка која јавно ја побаравме заедно со новинарскиот синдикат, а со цел олеснување на работата на медиумите во овој тежок период. ЗНМ укажува на ризикот дека доколку кризата продолжи и во следните месеци, потребно е да се размисли за дополнителни мерки за да се пребродат економските тешкотии на медиумите и да се избегне отпуштање на новинари и медиумски работници. Овие мерки треба да бидат ефикасни и да ги опфатат не само традиционалните медиуми туку и онлајн медиумите, кои за разлика од традиционалните медиуми немаат примена никаква финансиска помош во изминатиот период.
За крај, сакаме да истакнеме дека во услови на глобална пандемија, денес повеќе од било кога, може да се забележи потребата од квалитетни дописништва. Се покажа дека дописниците при една ваква состојба се мошне важни и за медиумите и за граѓаните. Оттаму, сметаме дека треба да се направат дополнителни напори за да се обезбеди нивното место во новинарските редакции. Потсетуваме на препораките на ЗНМ за подобрување на дописничката мрежа на МРТВ и МИА со законски измени, но и со препораки кон националните телевизии и дневни весници, - стои во соопштениеот на ЗНМ.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk